Започна кампањата „16 дена активизам“ – фокус на дигиталното насилство врз жените
Денеска официјално започнува глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“, предводена од UN Women, со годинешен фокус на една од најбрзо растечките закани – дигиталното насилство.
UN Women предупредуваат дека дигиталниот свет, кој требаше да поврзува и оспособува, за милиони жени и девојчиња станува простор на злоупотреба. Дигиталното насилство се шири со огромна брзина, поттикнато од анонимноста, од недостатокот на ефективни закони и од злоупотребата на алатките за вештачка интелигенција.
Формите на насилство се движат од онлајн вознемирување и сајбер демнење, до доксинг, споделување интимни фотографии без согласност, дипфејкови и родово базирани дезинформации.
Според Светската банка, помалку од 40% од државите имаат законска заштита од сајбер вознемирување, поради што 1,8 милијарди жени и девојчиња остануваат без правна сигурност.
Особено таргетирани се жените лидери, политичарки, бизнисменки и новинарки – една од четири новинарки пријавува онлајн закани со физичко насилство.
„Она што започнува онлајн, не останува онлајн – дигиталната злоупотреба преминува во реалниот живот“, вели извршната директорка на UN Women, Сима Бахус. Таа повикува на итно зајакнување на законите и зголемена одговорност на платформите и сторителите.
Иако некои држави веќе усвојуваат реформи, како што се законите за онлајн безбедност во Велика Британија, Австралија, Мексико и ЕУ, UN Women нагласуваат дека глобалните напори сè уште се фрагментирани.
Кампањата за 2025 година бара:
- глобална соработка за безбедни дигитални платформи,
- поддршка за жртвите преку финансирање на организации за права на жените,
- строга одговорност за сторителите,
- повеќе жени во технолошкиот сектор,
- инвестиции во превенција и дигитална писменост.
UN Women претставија и две нови алатки – правен додаток и водич за полицијата за справување со насилство извршено со технологија, со цел подобра превенција и постапување.
Кампањата „16 дена активизам“ традиционално се одржува од 25 ноември до 10 декември и ги поврзува Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените и Денот на човековите права.
Целта е јасна: дигиталниот простор да стане безбеден за сите жени и девојчиња – затоа што вистинска еднаквост без тоа не може да постои.


