Официјално започна летото – денес е најдолгиот ден во годината
Денес, 21 јуни, официјално започнува летото на северната хемисфера со појавата на летниот солстициум, односно долгодневницата – денот кога Сонцето го достигнува својот највисок зенит и трае најдолго на небото.
Летната долгодневница настапи нешто по 4 часот изутрина, кога Сонцето се издигна највисоко на небото над северната полутопка. Овој астрономски момент се случува секоја година околу 20 или 21 јуни и се смета за официјален почеток на летната сезона.
На овој ден, должината на денот е најголема, а ноќта најкратка. Во Македонија, денешното Сонце ќе „владее“ повеќе од 15 часа, а најдолгиот ден ќе донесе и најмногу природна светлина. Но веднаш од утре, деновите ќе започнат постепено да се скратуваат, а ноќите да се продолжуваат – процес што ќе трае сè до есенската рамноденица во септември.
Причината за овие промени лежи во наклонот на Земјината оска. Во текот на јуни, Сонцето изгрева на североисток и заоѓа на северозапад, додека за време на рамнодениците (во март и септември) изгрева точно на исток и заоѓа точно на запад.
Покрај астрономското значење, солстициумот има голема симболична и културна вредност низ светот. Во многу земји овој ден се одбележува со традиционални ритуали, фестивали и настани под отворено небо, кои го слават животот, природата и светлината.
Со почетокот на летото, многумина веќе ги планираат своите одмори, патувања и активности на отворено, искористувајќи ги топлите денови кои се пред нас.



