|

Сите земји членки мора да ги признаваат еднополовите бракови склучени во ЕУ

Судот на Европската унија денес донесе историска одлука: сите држави членки се должни да ги признаваат еднополовите бракови што се законски склучени во друга земја од Европската унија.



Одлуката произлегува од случај покренат против Полска, која одби да признае брак меѓу двајца полски државјани склучен во Германија. Со ова одбивање, според Судот, се прекршуваат слободата на движење и правото на личен и семеен живот – две основни вредности заштитени со европското законодавство.

Што значи оваа одлука?

Важно е да се истакне дека пресудата не ги обврзува земјите да воведат еднополови бракови во нивните национални закони.
Но, ги обврзува да ги признаваат кога се склучени во друга земја членка – на ист начин како што признаваат хетеросексуални бракови од странство.

Ова директно ги засега државите што сè уште немаат регулација за еднополови заедници, меѓу кои се Бугарија, Полска, Романија и Словачка.

Клучен чекор за ЛГБТИ+ правата во Европа

Одлуката е охрабрувачки сигнал за ЛГБТИ+ заедницата во Европа. Таа го потврдува ставот дека граѓаните не смеат да го изгубат своето семејно и граѓанско право само затоа што преминуваат граница во рамките на Унијата.

Европскиот суд и порано имал ставови во оваа насока, но денешната пресуда ја потврдува обврската и ја зацврстува правната рамка за еднаквост и недискриминација.

Слични Објави