|

Заладување и снег на планините од утре навечер

Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информира дека од утре кон крајот на денот, во текот на ноќта и во вторник Македонија ја очекува значително заладување, проследено со нови, пообилни врнежи.



На планините и на повисоките места врнежите ќе бидат од снег, при што ќе дојде до зголемување на висината на снежната покривка, а на дел од повисоките населени места се очекува и формирање на нова снежна покривка.

Во северните планински предели уште денеска дождот постепено ќе преминува во снег, а попладне ќе дува засилен ветер од северен правец. Максималната дневна температура денес ќе се движи од 10 до 17 степени.

Утре утринските температури ќе бидат во интервал од -1 до 4 степени, додека дневните ќе достигнат од 4 до 13 степени. Најстудено се очекува во четврток наутро, кога минималните температури ќе се спуштат од -1 до -8 степени.

По заладувањето, во среда и четврток ќе преовладува претежно стабилно време, а веќе во петок повторно се најавуваат пообилни врнежи од дожд и снег.

Слични Објави