Булинг и неправда во младинските категории – кога талентот се уништува за сметка на неморалот
Пишува: Пипин Малиот
Во општеството каде што некогаш фудбалот беше гордост и чест, денес се случува нешто што тивко, но сигурно го уништува духот на спортот. Во младинските категории, наместо да се градат вистински спортисти и добри луѓе, сведоци сме на булинг, неправда и морален распад што доаѓа од самото срце на клубот – од младите соиграчи и, уште потажно, од некои тренери.
Децата што се воспитани, скромни, талентирани и со вистинска љубов кон фудбалот, се исмејуваат, игнорираат и понижуваат. Наместо да им се даде поддршка и пример, тие се туркаат на страна – оставени се на клупа, намерно се критикувани и маргинализирани, само затоа што не се дел од „кругот“ на оние кои се поарогантни, безобразни или поврзани преку родители со „влијание“.
Талентот не вреди ништо кога на теренот владее неправда. Моралните деца се гасат, а неморалните се наградуваат. Таа болна вистина ја гледаат сите, но малкумина имаат храброст да зборуваат. Затоа и клубовите тоне во просечност – бидејќи таму каде што се уништува карактерот, не може да расте квалитет.
Најголемата вина не е кај децата, туку кај тренерите кои тоа го дозволуваат или поттикнуваат. Кога тренерот избира врски наместо вредност, кога му дава предност на гласниот и дрскиот пред трудољубивиот и воспитаниот, тој престанува да биде педагог и станува соучесник во уништување на иднината на тие млади.
Клубовите не смеат да бидат место каде што се гаси желбата за фудбал. Тоа е клубови со историја, со име што заслужува да стои на здрави темели – на труд, чесност и фер-плеј. Време е да се постават прашања:
Кој ги штити децата што се жртви на булинг?
Кој им одговара на родителите кога нивните деца се понижувани?
И до кога ќе се толерира оваа неправда во име на „резултати“?



