|

Нема камиони за ѓубре, ама има закон, стратегија и ЛАП

Очекуваме ситуацијата со собирањето отпад да се влоши и тоа машала, ако се тргне по умот на европјаните и нашите силни планери, кои ем сѝ намигаат меѓусобно додека им ги шиткаат тоа задолжителните планови, те за локален развој, те за управување со отпад – на општините, кои мораат да молчат и да голтаат, оти имет закони и странски донатори, кои сѝ работат проекти, па не смееме да ги налутиме. Добрите познавачи велат „секое чудо за 3 дена“. Ова чудо ќе трае многу подолго, ќе чини и пари и живци на граѓаните, ќе претставува скап „европски докажан“ експеримент, со недоволно и избрани податоци, кои кажуваат што правеле по европите со тоа плановите и директивите, но не кажуваат дека градовите низ Европа спроведувањето ги чини страшно многу (и по 5 пати повисоки давачки за граѓаните), дека таквите комунални претпријатија пропаѓаат како чамци после бура и дека ниту со нивните огромни општински буџети не можат да се справат, без да ги поскапуваат услугите.

Се разбира, Македонија „маслинка не чека“ за да биде современа, па го усвои Закон за управување со отпад, спрема европската директива за отпад и со тоа, иако го стави МЖСПП како центар на ваквите планирања и креирања политики, ги наглави општините да управуваат со комуналниот отпад, ама „малку утре“, затоа што тие треба само да плаќаат и наплаќаат од граѓаните, а „Регионот“ да управува со отпадот. Со полна уста заштита на животната средина, овој закон на сите им даде улоги, кои ниту во лудило не можат да ги „изглумат“. Се разбира, Националната стратегија за управување со отпад 2008-2020 е основа за подготовка и спроведување на „интегриран и финансиски одржлив систем“ на менаџирање со ѓубрето, а еве го по него и Националниот план за управување со отпад 2020-2030, кој исто така ќе креирал интегриран систем за управување со отпад во согласност со „хиерархијата за отпад“ и законодавството на ЕУ. Локално општините ќе планирале да менаџираат со отпадот, спрема донесени планови, кои од А до Ш ги оценува МЖСПП, што дава обврска на општините да ангажираат некој „експерт“, кој ќе препише некој Локален Акционен План и ќе им го шитне на секоја општина – посебно. Досега „странците“ даваат пари за изготовка на овие планови, односно сѝ ги плаќаат експертите, но понатаму, токму спрема тие ЛАП – ови, предивдени се купишта експерти за пополнување таблици со податоци, кои им ги даваат од комуналните претпријатија, како тие самите да не знаат да пополнат за пола час такви „експертски матикулиња“. Но, Европа е тоа. Таму имаш малку работа, голема пропаганда за корисноста, друг да ти ја заврши работата, а ти да платиш и преплатиш за ништо.

Како да е, „оперативните активности, како што се собирање, селекција, транспорт и депонирање“ е (повторно) задача на ЈКП, но сега има и „колективни постапувачи“, кои работат со различни „текови отпад“ (отпад од пакување, од електрична и електронска опрема, од батерии и акумулатори и други „текови“), што би рекле попростите, кои и сега постојат и се занимаваат со отпад кој дозволува бизнис, па никој не мора да им плати услуга. Сега, некој (ние – сите) ќе мора да им плаќа.

Да не береме гајле, до тоа не може ниту да дојде, освен кога ќе мораме да глумиме пред Европјаните дека сме многу посветени на екологијата. Имено, иако општините не покажале никаков интерес за било каква меѓуопштинска соработка, ниту за формирање било какво заедничко претпријатие, државата здушно работи на регионализација, па им ги наметнаа на општините „Планските региони“, администрирани од „Центри за развој на планските региони“ (ниту ден – денес никој не знае за што служат), а сега наметнуваат и „Регионалниот систем за управување со отпад“, формирање „меѓуопштински одбори за управување со отпадот“, и изградба на регионални депонии со кои ќе управува Регионално комунално претпријатие. Сето тоа ќе било пишано во „Регионалниот план за управување со отпад“, кој ќе сѝ го подготви новоформирана „организациска единица за управување со отпад“ во состав на Центарот за развој на планскиот регион и со тој План самото – себе ќе се предвиди (значи, го изработува планот некаква „единица“ – која не постои сеуште, затоа што не е предвидена со „план“, која таа треба да го изготви). Значи, општините ќе станат многу европски со тоа ѓубрето и ќе развиваат ѓубреџиски региони, кога не можеа да развијат било каква друга регионална свест („Ѓубре – Пелагонци“ колку гордо звучи тоа).

Придобивките биле аууууууу! Тоа да ти бил современ, интегрален, стратешки пристап во управувањето со отпадот и предуслов за систематско решавање на проблемите со отпадот. Ако сега се краде и партиски се вработува во тоа ЈКП – та на општините, замислете како ќе биде во тоа регионалните ЈКП, каде никој – никого нема да ферма, оти не е надлежен. Ќе имало постепено затворање на несанитарните комунални и диви депонии откако новите регионални санитарни депониии ќе станат оперативни и ќе ги „мапирале“ депониите, како да сме слепи сега и не ги гледаме. Како, со кои пари, со кои капацитети, со кои постројки за справање со отпад – никој не кажува. Ама, „ќе имало“.

Дали европејците се приглупи или мислат дека сме сите ние приглупи, па да веруваме во тоа? Кој да им замери? Ако владата, МЖСПП и секоја општина глуми лудило – согласно закон и се прифаќа се она што кажале странците, кои овде „си прават проекти“, не можат да не мислат дека сме приглупи – логично. Не дека не требаат планови и за справување со отпад и за селектирање на отпадот и засилена култура за корисноста на отпадот и за загрозеноста на планетата, но да прифатиш матрица од смотани и препишани од некаде – писанија, без никаква подлабока општинска анализа, е крајно дебилно и неодговорно. Така странците мислат дека сме дебилковци, наместо да ја знаат вистината дека тие среќаваат партиски директори на ЈКП – иња и општински административци – лижачи, кои ги селектирала партијата. Но, ние одбравме кого странците ќе среќаваат кога ќе дојдат да прават проекти и „информативни посети“.

Но, грижа нема: за непрекинато следење на ЛАП – от е предвидено „општинска работна група за управување со отпад“, која на средби „ќе координира активности и ќе дискутира за напредокот во реализацијата и за потешкотиите“ и ќе има и годишна евалуација на ЛАП – от. Овие научени лекции од тоа координирањето на кафе – средби, да ти било основа за изготовка на нов „Регионален план за управување со отпад“ за 5 години. Ќе имало и „континуираното известување и комуникација со сите актери вклучени во реализацијата на планот“ за споделување на добрите пракси и научените лекции и „комуникација со донаторската зедница“. Па имало и  „различни алатки“ како што биле истражувања и теренски активности, заедно со верификацијата на податоците од општинската евиденција… Резултат? Општините ќе имале „одлуки базирани на докази“, како сега да немаат такви одлуки, односно правдања на лошите услуги и промашувањата со проценки, експертски мислења, годишни планови…

А каде се тука граѓаните? Преку „програмата за кревање на јавната свест, едукативните програми и таргетираните кампањи за поддршка на одредени активности од ЛАП и програмите за јакнење на капацитетите на општините и комуналните претпријатија“, ќе биле и граѓаните прашани. Значи, откако е се готово, граѓаните ќе биле прашани што мислат. „Џам“ им е планот, нема што.

Што има во тоа ЛАП – овите за отпад, тоа е чисто шоу. Има приоритети – наоружани со редни бројки, како „Обезбедување услуги на што е можно повеќе корисници“, а приоритетот има цели („Подобрено собирање и транспортирање на отпадот преку планирање“), целите имаат „акции“ (Мапирање на пречки кои го спречуваат лесниот пристап до корисниците вклучувајќи ги и ранливите групи) и се она што и најпоследното ЈКП го има во своите планови за работа, но тие планови не се изготвени од експерт, нели? Тоа експертите знаат дека требало да се формира „работна група“, да се ажурира листа на физички и правни субјекти кои не се опфатени со услугата, извештај со мапирани пречки и препораки за нивно надминување и милион такви и слични работи, кои секој возач на камион за ѓубре ги знае, а знае и подобро од експертите  дека ЈКП – та за ѓубре не работат како што треба, не планираат сопствен развој, обнова на камиони, ставање подземни и надземни канти и садови за пластика, хартија, батерии и друг вид ѓубре, не следат светски трендови и менаџирање со ѓубрето, токму, затоа што со ЈКП – то управуваат партиски незналици и подлизурковци и дека се „наакани“ со отпад од партиски кадар, па секоја акција – било со ЛАП или без него, е осудена на пропаст, освен во извештаите на експертите, кои се предвидени на секој чекор во тоа ЛАП – овите. Од „експерти“ прокопсавме.

Што да прават општините, кога законски им е наложено да учествуваат во овие фантастично – саркастични планирања и донесувања планови и стретегии, по „шема“. Вистината е дека не требало да чекаат, туку сами да сѝ ги направат тоа плановите за општините, преку стекнување доверба кај стручното граѓанство, Универзитетот и малкуте стручни НВО – и, како и преку воведувањето мерит систем и систем на кариера во општината, па да видиш и соработка и планови и делување „пред времето“, а не вака да не сметаат за неписмени и безнадежни, што е реалната вистина.

Општините скапо ќе ја платат несоработката со граѓаните и со своите вработени. Цел ЛАП за ѓубре можат да им го решат на општините двајца возачи на комунални камиони, еден бизнисмен што држи отпад и по некој правник и вработен во ЈКП, но ќе им фали експертски потпис и лидер на тимот, кој го имаат и во општината и во ЈКП – то, но седи скриен во некоја канцеларија и чека пензија, оти никој не го смета за жив оти нема партиска книшка и дарба за ласкање на шефовите. Не дека тие не пробале да бидат корисни, но веројатно дека „добиле по нос“ од партиските дебилковци, оти „се правел дека многу знае“.

Слични Објави