Пораст на инфлацијата – цените скокнаа за 2,8%
Државниот завод за статистика објави дека инфлацијата во октомври годинава, во однос на истиот месец лани, е зголемена за 4,5 проценти, а цените на мало пораснале за 2,8 проценти.
Податоците покажуваат дека поскапувањето е забележано во речиси сите категории. Најголем скок има кај храната и безалкохолните пијалоци, кај рестораните и хотелите, услугите за рекреација и култура, како и кај алкохолните пијалоци и тутунот. Зголемување е регистрирано и кај услугите за здравствена заштита.
Во споредба со лани, единствено поевтиниле транспортот и дел од трошоците за образование.
Премиерот Христијан Мицкоски уште во септември изјави дека очекува намалување на инфлацијата во последните месеци од годината, потенцирајќи дека паралелно се спроведуваат и мерки за стабилизација. Пред два дена тој оцени дека инфлацијата годинава ќе се движи меѓу 3,5 и 4 проценти, додека гувернерот Славевски најави дека 2025 година ќе заврши со инфлација од 3,9 проценти, нешто повисока од владините очекувања од 2,8 проценти.


