Општина Могила доби 20 нови негуватели: Успешно завршена обуката за помош и нега на стари и немоќни лица
Денес беа доделени сертификати на дваесет учесници од општина Могила, кои успешно ја реализираа обуката според верификуваната Програма за „НЕГУВАТЕЛ/КА ЗА ПОМОШ И НЕГА НА СТАРИ И НЕМОЌНИ ЛИЦА“. Активноста е спроведена од Здружението Центар за развој и едукација – Прилеп.
Обуката имаше за цел да ги оспособи учесниците со неопходните практични знаења и вештини за испорака на квалитетна нега и грижа на стари лица и лица со намален функционален капацитет. Главната идеја е овие лица да продолжат да живеат во сопствениот дом и да водат независен живот во заедницата, што е клучно за нивното достоинство и социјална инклузија.
Од Здружението Центар за развој и едукација – Прилеп, истакнуваат дека грижата за старите и немоќни лица претставува едно од најважните обележја на хумано и развиено општество.
„Таа не е само израз на сочувство, туку и на општествена одговорност и солидарност. Затоа, вложувањето во системи и услуги за старите лица е инвестиција во подобро, поправедно и похумано општество“, велат од Здружението.


