Македонците најчесто штедат во денари – раст од 13,6% за една година

Заштедите на граѓаните во Македонија се доближуваат до бројката од 7 милијарди евра, што претставува годишен раст од 13,6%, покажуваат најновите податоци на Народната банка. Истовремено, раст забележуваат и кредитите, при што станбените и потрошувачките остануваат најбарани.



Според извештајот, вкупните депозити се зголемени за 13,2%, а вкупните кредити за 13,5% во однос на истиот месец лани. Растот на депозитите е особено изразен кај домаќинствата, додека компаниите повеќе се задолжувале кај банките.

Иако на пазарот се нудат различни финансиски инструменти, граѓаните и натаму најчесто одбираат да ги орочат парите во банка. Поголемиот дел од заштедите се во денари, што укажува на висока доверба во домашната валута.

Во септември е забележан месечен раст на депозитите од 0,3%, исклучиво поради зголемените заштеди на домаќинствата, додека депозитите на корпоративниот сектор бележат благ пад.

„Растот кај домаќинствата се должи на зголемените депозитни пари, долгорочните денарски депозити и краткорочните девизни депозити,“ соопштија од Народната банка.

Кога станува збор за кредитирањето, потрошувачките и станбените кредити остануваат најпопуларни. Во септември тие бележат месечен раст од 0,9% и 1,6%, а на годишно ниво пораст од 10,2% и 16,1%.

Од друга страна, интересот за автомобилски кредити опаѓа, па така во оваа категорија е забележан годишен пад од 0,6%.

Слични Објави