Нема да има повеќе „шетај со службено возило“?
До 15 септември 2025 година сите државни институции ќе треба да ги заменат регистарските таблички на службените возила со нови, специјални таблички во боја – одлучи Владата на 97-та седница одржана вчера.
Постапката за воведување на новите таблички започна уште лани, на 17 септември 2024 година, кога на предлог на директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски, Владата формираше работна група со претставници од неколку институции. Целта беше изработка на измени на Законот за возила и Законот за користење и располагање со стварите во државна и општинска сопственост, со кои ќе се овозможи создавање на еден централен регистар на сите патнички моторни возила во државна и општинска сопственост и нивно означување со посебни таблички.
Според проценките, со новите црвено-жолти таблички ќе бидат опфатени околу 6.500 службени возила низ државата. Промената се смета за важен чекор во спречување на злоупотребите, особено со оглед на чести случаи на користење на службени возила за приватни или партиски цели, што често беше предмет на јавни критики, особено во изборни периоди.
Со оглед дека новите таблички ќе бидат ставени во употреба непосредно пред претстојните локални избори во октомври, ќе биде полесно за јавноста да препознае дали службени возила се користат за изборни активности, секао и да пријават.



