Македонија го одбележува 23 Октомври, Денот на Македонската Револуционерна борба
Во Македонија денеска се одбележува 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба. На овој ден, во 1893 година, во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел извојување автономија на Македонија преку револуционерна активност.
Празникот се празнува по повод основањето на Македонската револуционерна организација во Солун. Основите на Организацијата се поставени на 5 ноември 1893 година (23 октомври – според стариот календар) во куќата на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун. На основачкиот состанок присуствуваат: Д-р Христо Татарчев – лекар, родум од Ресен, Даме Груев – учител, родум од с. Смилево – Битолско, Петар Поп Арсов – учител, родум од с. Богомила – Велешко, Иван Хаџи Николов – книжар во Солун, родум од Кукуш, Антон Димитров – учител, родум од с. Ајватово – Солунско и Христо Батанџиев – учител, родум од с. Гуменџа, Ениџе Вардарско.
Организацијата се борела за ослободување на Македонија со сопствени сили, без помош од надвор. Формирањето на МРО значело почеток на организираното македонско револуционерно движење кое преку Илинден 1903 и Крушевската република, а потоа преку НОБ резултира со создавање современа самостојна македонска држава. Овој датум се поврзува со организираната борба на македонскиот народ и народите кои живееле во Македонија за формирање независна држава. Во политичка смисла, борбата за автономија значела формирање самостојна држава и затоа 23 октомври симболизира континуитет на македонската борба за независност
Со овој празник се оддава почит на сите жртви и напори вложени во борбата за самостојност и организирано делување за стекнување на независност, слобода и темели на сопствена македонска држава.
На овој ден во 1893-та година, исто така, е формирана Македонската револуционерна организација, која претставува главна сила во организираниот отпор за ослободување.
Овој празник е завет за многу генерации, кој обврзува за достојно, суштествено и активно делување во изградба на современа, силна и просперитетна држава.