Две слаби оценки по ред – отказ за административците

Административните службеници кои две последователни години ќе добијат оценка „1 – не задоволува“ ќе го загубат работното место по сила на закон. Ова е една од новините во измените на Законот за административни службеници, кои Собранието ги усвои по скратена постапка.

Со законските измени се укинува и можноста за унапредување без објавување интерен оглас, со цел да се обезбедат еднакви можности за сите службеници и доследна примена на мерит-системот. Предвидено е и поефикасно спроведување на постапките, со задржување на правото на жалба.

За законските решенија се отворија различни ставови меѓу пратениците. Од опозициската СДСМ предупредија дека одредбите за оценување, преместување и дисциплинска одговорност може да создадат простор за злоупотреби и политички притисоци врз вработените.

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Оливер Спасовски, посочи дека независноста на Собраниската служба веќе била уредена во периодот од 2020 до 2024 година. Тој изрази загриженост дека новите правила за дисциплинска одговорност и оценување би можеле да влијаат врз самостојноста на службата и сигурноста на вработените.

Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, оценија дека со измените се исправуваат недостатоци од претходниот период. Координаторот на пратеничката група, Никола Мицевски, ја критикуваше СДСМ за нејзиниот однос кон законските решенија, посочувајќи дека сега се коригираат прашања што не биле решени во минатото.

Со усвојувањето на измените се воведуваат построги правила за оценување и одговорност на административните службеници, како и промени во постапките за унапредување. Целта е поефикасна администрација, но остануваат и забелешките за тоа како новите одредби ќе се применуваат во практиката.

Слични Објави