|

Празни зборови или реализирани проекти? Што од предизборните ветувања е исполнето

Секоја изборна кампања наликува на претстава – со внимателно напишени сценарија, обоени спотови и пароли што ветуваат подобра иднина. Во оваа политичка симфонија, граѓаните се публиката што со аплауз или потиштеност го завршува својот удел на изборниот ден. Но, што се случува откако ќе згаснат рефлекторите? Колку од ветеното навистина станува реалност – особено во регионите далеку од центарот на политичката моќ, како што е Пелагонија?

Претходните избори, и локални и парламентарни, поминаа со преполни програми: дигитализација на општинските услуги, отворање младински центри, реконструкција на улици, изградба на затворени базени, инвестиции во образованието и поддршка на културата. Политичарите ветуваа нови индустриски зони, зелени површини, решенија за депонии, нови автобуси, подобар јавен превоз како и проекти за младите. Секоја општина имаше своја „приказна за развој“. Но, кога тие ветувања се стават под лупа, сликата е далеку поразлична од гланцот на предизборните брошури.

АГТИС, веќе неколку години систематски го следи исполнувањето на локалните ветувања во Пелагонија, алармира дека речиси една третини од најгласно најавуваните проекти не се реализирани, ниту пак е отпочната нивната имплементација. Во некои случаи, објектите што беа ветени – како младински центри или нови културни објекти – сè уште се само идеи во предизборни документи, додека средствата за нив не се ни планирани во општинските буџети.

Во Прилеп, на пример, уште во 2021 година се ветуваше изградба на затворен базен, отворање на модерен младински центар, како простор за креативност и учење. Три години подоцна, постои само Совет за млади и идеја каде би можел да се лоцира центарот, но реализацијата е далеку. Во Битола, беа најавувани гасификација, топлификација, уредување нови зелени површини и ревитализација, и во другите градови и општини беа многу слични проекти најавувани и претставени во предизборните програми, небеа изоставени и донесување стратегии за ЛЕР, подземни катастри, изработка на ГУП, ДУП… , разни социјални програми, но колку е од сето ова реализирано.

Во руралните општини, како Долнени и Кривогаштани, предизборните програми често звучат како длабоко посакувана желба за подобар живот: асфалтирани улици, канализација, осветлување, основна инфраструктура, па дури и ветувања за отворање на нови работни места и вложување во земјоделството, кандидатите зборуваа за поврзување на изолираните села и подобрување на основните јавни услуги. Но и таму, по изборите, животот продолжува по старо – со калливи сокаци, мали или никакви промени, и уште едни заборавени ветувања.

Она што е особено алармантно е тоа што жителите од рурални општини често немаат доволно информации за тоа што било ветено, што е планирано, или кога нешто ќе се реализира. Достапноста на информации е минимална, транспарентноста на општинските работи е слаба, а граѓаните најчесто дознаваат за проектите само кога ќе се појави багер во нивното село – ако воопшто се појави.

АГТИС нагласува дека во овие рурални општини има и друг проблем – тивкото прифаќање дека „ништо не може да се промени“. Тоа го прави притисокот врз властите уште помал, а отсуството на реакција од јавноста – уште поудобно за оние што ветуваат, но не исполнуваат.

Во целата оваа слика, се наметнува прашањето – ги чита ли некој воопшто тие предизборни програми? Истражувањето на АГТИС од 2024 година, спроведено меѓу над 400 испитаници во регионот, покажува дека само 8% од граѓаните прочитале цела програма на некоја партија. Повеќето одлучуваат според „впечатоци“ од телевизиски настапи, фејсбук постови или партиски митинзи. Дури 70% не можат да се сетат што конкретно било ветено во нивната општина.

Овој недостиг на информираност, комбиниран со ниско ниво на отчетност, создава совршена почва за политички ветувања што не мора да се исполнат. „Нема механизам што ги обврзува избраните функционери да дадат отчет за тоа што оствариле од она што го ветиле. А граѓаните ретко прашуваат, особено кога институциите не нудат јасна и достапна евиденција за реализираните проекти“, објаснуваат од АГТИС.

Но, токму граѓанскиот мониторинг станува сè поважен. Преку јавни трибини, онлајн алатки и теренски истражувања, АГТИС објавува годишни анализи за исполнетоста на програмите на локалните власти. Тие податоци стануваат јавно достапни и служат како основа за притисок – не само врз институциите, туку и за кревање свест кај самите граѓани.

Во Пелагонија, промената не може да дојде само од политичарите. Таа мора да дојде и од самите граѓани – со активно учество, информирање и барање отчет. Затоа, кога следен пат ќе се појави нова програма, нов слоган и нови ветувања, вреди да се праша: „Добро, а што од претходното завршивте?“

Политичките ветувања не се само маркетинг. Тие се договор со граѓаните. А договорите – ако навистина ги почитуваме – мора да се исполнуваат. Инаку, остануваат само во маглата на заборавот, сè до следниот изборен циклус.

И додека сето ова се одвива тивко, без многу медиумско внимание, календарот веќе тропа на вратата – во октомври не очекуваат нови локални избори. Партиите повторно ќе излезат со „визии“, со големи зборови и уште поголеми ветувања. Ќе ветуваат улици, сали, младински центри, канализации, водоводи… па дури и сè што досега не го исполниле – како да ветуваат за првпат.

Прашањето е: дали граѓаните ќе прашаат што од минатото е остварено? Дали некој ќе се сети на недоизградените објекти, незапочнатите реформи, или заборавените села?

Слични Објави