|

ЗАВОДОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, ЛЕКУВАЊЕ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА – ОТЕШЕВО, ЗА ПРВ ПАТ Е РЕНОВИРАН

ЗАВОДОТ ЗА ПРЕВЕНЦИЈА, ЛЕКУВАЊЕ И РЕХАБИЛИТАЦИЈА – ОТЕШЕВО е реновиран со поддршка на Владата на Швајцарија, Министерството за локална самоуправа и Општина Ресен. Оваа установа според својата функционалност и начин на делување во своето подрачје, има нe само регионално, туку и национално значење, затоа што во неа доаѓаат пациенти од целата држава и странство.

Во Отешево, за првпат во историјата на Заводот за превенција, лекување и рехабилитација на хронични, респираторни, неспецифични и алергиски заболувања, се преземени значајни мерки за подобрување на квалитетот на здравствените услуги и работните услови за медицинскиот персонал. Оваа иницијатива е резултат на инвестицијата на Министерството за локална самоуправа и Владата на Швајцарија, преку Програмата „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“. Проектот е од клучно значење за подигање на нивото на здравствените услуги и ќе игра важна улога во подобрувањето на животниот стандард на локалното население.

Министерот за локална самоуправа, Златко Перински и амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман денеска во Отешево го посетија Заводот, со цел на лице место да се уверат во напредокот и процесот на спроведување на мерките за подобрување на условите во установата. Домаќини и соговорници им беа директорот на Заводот, Благоја Китановски, градоначалникот на Ресен, Јован Тозиевски и директорот на Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Јосиф Балтов.

„Ме радува што сите пациенти во оваа специјализирана установа, единствена од тој тип во земјава, сега може да добиваат медицински третман по сите стандарди. Благодарение на поддршката која ја имаме од Владата на Швајцарија, минато време е кога третманите се изведуваа во отежнати услови поради немање соодветна опрема и инфраструктура. Со реконструкцијата, ги подобривме условите за рехабилитација, а зголемен е и капацитетот на лицата кои имаат потреба од услугите кои ги нуди заводот. Ова е од исклучително значење, бидејќи тој по својата функционалност и начин на делување нема само регионално, туку и национално значење, затоа што тука се лекуваат и пациенти од целата држава, но и од регионот“, изјави министерот Перински, по обиколката на здравствената установа во Отешево.

Покрај придонес кон подобрување на здравствените услуги за граѓаните на овој регион и пошироко со проектот се придонесува и кон отворање на можноста за развој на таканаречениот здравствен туризам за кој овој дел од регионот има предиспозиции.

Дополнителна вредност на овој проект што истиот е резултат на серијата на регионални форуми на заедницата кои што Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион ги спроведе како алатка за приоретизација на регионални проблеми и потреби и преку кои дирекно се пренесува гласот на граѓаните од сите наши општини.

Слични Објави