Со 1 милион долари од САД – стартува финалната фаза од изградбата на противпожарна станица во Битола
Официјално започна втората фаза од изградбата на новата зграда за Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) во Битола, проект со кој значително ќе се подобрат капацитетите за противпожарна заштита во поширокиот пелагониски регион.
Градоначалникот на Општина Битола, Тони Коњановски, заедно со заменикот градоначалник Бојан Бојкоски, извршија теренски увид во градежните работи, информирајќи дека во финалната фаза, објектот ќе биде опремен со поддршка од грант обезбеден од Министерството за одбрана на САД. Според информациите, американската страна веќе објави тендер за избор на изведувач, а понудите ќе се прибираат до 13 август.
– Првата фаза од изградбата е веќе реализирана со средства од буџетот на Општина Битола во вредност од 52,8 милиони денари. Објектот е поставен на парцела од 3.300 м², со корисна површина од 1.600 м², и е изграден до фаза на карабина, со поставена дограма – изјави градоначалникот Коњановски.
Со грантот од Министерството за одбрана на САД, вреден околу 1 милион американски долари, ќе се овозможи целосна адаптација и енергетска ефикасност на објектот. Ќе бидат уредени канализациониот и водоводниот систем, механички инсталации за греење и ладење, електрични инсталации, како и патна инфраструктура и партерно уредување. Проектот опфаќа и поставување потпорни ѕидови, сообраќајна сигнализација и систем за противпожарна заштита на самиот објект.
Со изградбата на новата зграда, Територијалната противпожарна единица ќе добие современи услови за работа, што ќе ја зголеми ефикасноста на интервенциите не само во Битола, туку и во соседните општини Ресен, Могила, Новаци и Демир Хисар.
Локалната самоуправа најавува дека новиот објект ќе биде комплетно функционален веднаш по завршувањето на втората фаза од проектот, со што се исполнува едно од клучните ветувања во областа на безбедноста и јавната инфраструктура.


