| |

Од утре општините на потег: Трета јавна покана за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво

Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, и државниот секретар Фатмир Сабриу денеска ја претставија третата јавна покана за доделување грантови за развој на социјални услуги на локално ниво. Настанот е дел од Проектот за подобрување на социјалните услуги, спроведуван со поддршка на Светска банка. Грантовите се наменети за услуги во домот и во заедницата, со цел да се зголеми достапноста на социјалните услуги низ општините.

Со новиот повик, бројот на општини каде што се развиваат социјални услуги се очекува да се зголеми од сегашните 41 на уште најмалку 20.

„Редовно сум на терен и ги следам резултатите од нашите активности преку директни средби со граѓаните. Ги охрабрувам сите општини да аплицираат во што поголем број, особено со почетокот на повикот за изразување интерес од утре,“ изјави Велковски пред претставниците на општините.

Тој истакна дека министерството е посветено на градење инклузивно и праведно општество, со акцент на помош за најранливите категории граѓани. Велковски посочи неколку клучни приоритети на министерството, меѓу кои интеграцијата на системот за социјална заштита преку ново софтверско решение, воведување платежни картички за социјална помош за основни потреби, и подобрување на условите за работа на вработените во центрите за социјална заштита.

Државниот секретар Сабриу го нагласи двојниот ефект од проектот: „Преку овие активности, се обезбедува пристап до услуги кои го подобруваат квалитетот на живот на најранливите граѓани, но истовремено се создаваат нови работни места на локално ниво. Овој процес има долгорочен позитивен ефект врз локалниот економски развој,“ рече тој.

На презентацијата беа презентирани деталите за условите за аплицирање и видовите поддршка кои ќе им бидат достапни на општините и давателите на услуги. Министерството ќе обезбеди стручна помош за подготовка на потребната документација и предлог-проекти.

Проектите што ќе бидат финансирани преку овој повик ќе се реализираат во периодот 2025–2026 година, со цел подобрување на пристапот до социјални услуги за ранливите групи. Оваа иницијатива претставува продолжение на реформите насочени кон намалување на сиромаштијата и зајакнување на човечкиот капитал во земјата.

Слични Објави