Земјоделките биле дискриминирани, државата ќе мора да обезбеди породилно и боледување

Земјоделките биле дискриминирани – Судот наложи државата да обезбеди породилно и боледување

Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која утврди индиректна, продолжена и интерсекциска дискриминација врз жените земјоделки во државата, кои досега немале еднаков пристап до правата од здравствено осигурување.

Според пресудата, индивидуалните земјоделки биле дискриминирани во остварувањето на правото на надоместок за време на бременост, раѓање и мајчинство, како и правото на надоместок за привремена спреченост за работа поради болест или повреда.

Со одлуката, Судот ги задолжи Владата и Министерството за здравство да иницираат измени и дополнувања на Законот за здравствено осигурување, со цел да се обезбеди еднаков пристап до правата за сите осигуреници.

Постапката беше покрената откако Хелсиншки комитет за човекови права и Комисија за спречување и заштита од дискриминација поднесоа тужба за заштита од дискриминација.

Судот утврдил дека иако земјоделките се дел од системот на задолжително здравствено осигурување и редовно плаќаат придонеси, тие во пракса биле исклучени од клучните права што ги имаат останатите осигуреници.

Во образложението се наведува дека многу жени земјоделки биле принудени да продолжат со работа и за време на бременост или болест, бидејќи секое отсуство значело губење на приходите за семејството.

Од граѓанскиот сектор оценуваат дека оваа пресуда претставува важен чекор кон поголема социјална и родова еднаквост и конечно признавање на правата на жените кои работат во земјоделството.

Слични Објави