Започнува откупот на тутунот од реколта 2025 во Прилепскиот тутунски комбинат
Прилепскиот тутунски комбинат од денес официјално започнува со откуп на тутунот од годинашната реколта на вкупно 34 откупни пунктови, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, по вчерашната работна средба остварена во Комбинатот.
Министерот истакна дека Комбинатот е целосно подготвен и дека исплатата на земјоделците ќе се врши двапати неделно, според веќе утврдениот динамички план. Притоа, ќе бидат преземени околу 2.300 тони договорен тутун од производителите.
Трипуновски потсети дека земјоделските инспектори го следат целиот процес и дека Министерството очекува фер и транспарентен откуп. Според информациите од раководството на Комбинатот, откупот на сите пријавени пунктови започнува денес и ќе се реализира согласно законските рокови и прописи.
Во однос на откупните цени, министерот информира дека сите компании обезбедиле средства за исплата и се очекува да се нивелираат цените по класи. Во моментот, договорените износи за прва класа се движат од 414 до 420 денари за килограм, а Министерството очекува компаниите да го достигнат максималниот износ од 420 денари.
Годинашната реколта се проценува меѓу 22.000 и 24.000 тони, при што според Трипуновски, квалитетот е на високо ниво и продолжува традицијата на производство на препознатлив македонски тутун.
Како позитивен пример министерот ја посочи и минатогодишната сезона, која донесе зголемување на површините со тутун за околу 11 проценти, што го означува постепеното враќање на ова производство на значајно економско ниво.



