3.7% повеќе бебиња во споредба со истиот период лани
Во третото тримесечје од 2025 година се родени вкупно 4.431 живородено дете, што претставува зголемување од 3,7 проценти во споредба со истиот период минатата година, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика.
Во истиот период, бројот на умрени лица изнесува 4.849, што е намалување од 0,5 проценти во однос на третото тримесечје од 2024 година. Од вкупниот број починати, 20 се доенчиња.
И покрај зголемениот број на новородени, природниот прираст и понатаму е негативен и изнесува -418 лица, односно бројот на умрените е поголем од бројот на родените за 418 лица.
Негативниот природен прираст останува еден од најсериозните демографски предизвици за државата.



