| |

(видео) „Ротари клуб“ – Прилеп донира професионален дрон за ТППЕ Прилеп

Денес „Ротари клуб – Прилеп“ ѝ донираше професионален дрон на Територијалната противпожарна единица Прилеп, со што повторно ја потврди својата мисија како граѓанско здружение посветено на поддршка и унапредување на заедницата. Од донацијата најголем бенефит ќе имаат пожарникарите, но и сите граѓани, имајќи ја предвид зголемената појава на пожари во последните години.



Покрај дронот, „Ротаријанците“ обезбедија и специјализирана обука за неколку пожарникари, како и за припадници на шумската полиција. Претседателот на клубот, Орде Ѓорѓијоски, истакна дека дронот ќе може да го користи и шумската полиција со цел поефикасно следење и спречување на појави на шумски пожари.

Од ТППЕ Прилеп потенцираат дека опремувањето е од особено значење. Виктор Стојчески информира дека единицата во моментов се соочува со недостиг од 30 пожарникари, како и со недостиг од две теретни и три теренски возила.

Градоначалникот Дејан Проданоски најави дека во текот на наредната година ќе биде надминат кадровскиот дефицит во противпожарната единица, со што ќе се подобри нејзината ефикасност и подготвеност за справување со интервенции.

Слични Објави