Започна проектот „Преспа – Зелена и сина иницијатива“, финансиран од ЕУ
Македонското еколошко друштво започна со имплементација на проектот „Преспа – Зелена и сина иницијатива: Зајакнување на заштитата преку истражување, едукација и комуникација“, финансиран од Европската Унија преку програмата „ЕУ за Преспа“.

Проектот беше промовиран на настан во Езерани, по повод Светскиот ден на животната средина, со присуство на амбасадорот на ЕУ Михалис Рокас, претставникот на УНДП Армен Григоријан, градоначалникот на Ресен Јован Тозиевски и извршната директорка на МЕД, м-р Робертина Брајаноска.
Целта на проектот е унапредување на заштитата на природните ресурси во Преспа преку активности во четири области: едукација, истражување, заштита и комуникација. Се планира зајакнување на капацитетите на институциите за мониторинг и управување со заштитените подрачја, како и вклучување на јавноста и младите лидери во процесите на заштита.
Проектот ќе трае четири години (2025–2029) и ќе се реализира со партнерите: Општина Ресен, НП „Галичица“, SPP од Грција, PPNEA од Албанија, во соработка со Министерството за животна средина и НП „Пелистер“. Кофинансирањето е обезбедено од Фондот за природа „Преспа-Охрид“ (PONT).