Одземање на возило ако возите како нинџи низ улиците
”Нека знаат дека возилото ќе им биде одземено на тие што ќе возат како нинџи по улиците и трајно ставено во функција на институции како МВР, министерствата, детските градинки” изјави Министерот Панче Тошковски во интервју за МРТ.
Од 1 јануари 2026 година во Македонија ќе започне со примена нов систем за надзор на сообраќајот наречен „Сејв сити“, кој предвидува сериозни санкции за неодговорно однесување на патиштата. Согласно новите правила, на возачите кои ќе направат тешки сообраќајни прекршоци и возат опасно – ќе им биде трајно одземено возилото.
Одземените возила ќе се пренаменуваат за потребите на државни институции, социјални служби или јавни установи. Целта на оваа мерка е да се зголеми безбедноста во сообраќајот и да се намали бројот на сериозни прекршоци кои често завршуваат со несреќи и жртви.
Новината е и во начинот на изрекување на казните: преку мобилен телефон ќе се испраќаат известувања за направените прекршоци, со детали и линк до веб-страница каде ќе може да се види доказниот материјал. За помалите прекршоци ќе се плаќа парична казна, додека за посериозните случаи ќе се оди на суд, со можност за изрекување забрана за управување со моторно возило.