Колку вашата општина ви е навистина блиска? Граѓаните имаат право да знаат! (ВИДЕО)
Во време кога транспарентноста е клучен принцип на добро управување, граѓаните сѐ повеќе очекуваат од своите општини да бидат отворени и достапни. А токму Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер ви го гарантира тоа право – без разлика каде живеете.
Барателот пристапот до информацијата може да го бара усно, писмено или во електронски запис.
Образецот на Барањето содржи назив на Имателот на информацијата, личното име и презиме на Барателот на информацијата, податоци за можниот застапник или ополномоштеното лице, фирмата или правното лице, опис на информацијата со која сака да се запознае, на каков начин сака да се запознае со содржината на бараната информација и на каков начин да му се достави бараната информација.
Барање може да се поднесе пополнето и на обичен лист хартија но на истото барателот е должен да наведе дека станува збор за Барање по основ на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Барателот не е должен да го образложи барањето.
Рокот за одговор е најдоцна 20 дена, а за итни информации – 48 часа. Ако институцијата не одговори, може да се поднесе жалба до Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Кои информации може да ги побарате?
Граѓаните имаат право да побараат најразлични документи и податоци, како на пример:
- Буџет на општината и ребаланс
- Завршна сметка и годишни финансиски извештаи
- Одлуки од општинскиот совет
- Урбанистички и просторно-плански документи
- Договори за јавни набавки и склучени тендери
- Листа на избрани фирми и набавени услуги
- Записници од јавни расправи
- Субвенции и поддршка што ја доделува општината
- Статистики за работа на институции, училишта, градинки
- Акциски и стратешки планови (на пример за животна средина, младинска политика и сл.)
- Информации за користење на службени возила, простории или опрема
- Податоци за кадарот: број на вработени, плати, јавни конкурси
- Надлежности на градоначалникот, советот…..
Овие информации не смеат да бидат тајни – тие се создадени со јавни пари и за јавни цели.
Покрај овие информации од јавен карактер кои треба да ги има секоја општина објавено на своите веб страни, општините во Македонија треба да воведуваат и е-услуги, кои овозможуваат граѓаните да завршат административни работи од дома – без чекање на шалтери, без непотребни нервози. Преку општинските веб-страници и националната платформа за е-услуги, може да поднесете барања, пријави, добиете изводи, дозволи, потврди, па дури и да следите тек на постапка.
Но дали овие е-услуги се доволно познати и користени од граѓаните? Истражувањата покажуваат дека многу жител не се целосно информирани за нивната достапност, или пак немаат соодветна дигитална поддршка. Затоа е клучно општините да вложуваат не само во системи, туку и во информирање и едукација на граѓаните.
Транспарентната општина значи отчетна власт и поактивни граѓани. Кога знаеме каде одат јавните пари, кои се приоритетите, како се донесуваат одлуките – тогаш и нашето учество станува посуштинско. Информациите не се луксуз, туку алатка за демократија.
Затоа, не чекајте! Проверете ја веб-страницата на вашата општина, поднесете барање, користете е-услуги и вклучете се. Локалната власт треба да биде сојузник, а не мистерија. Колку повеќе знаеме – толку подобро можеме да влијаеме.
Секако малку хумор ни помага да се доближиме до е-услугите не само средство за завршување административни обврски, туку и канал за запознавање со вработените, Дали ги има и нивните информации на веб страните и дали треба да ги има погледнете во видеото.
E-Услугите не се за удварање!



