|

Ако патувате во Грција – внимавајте, стапија во сила драстично построги сообраќајни казни

Со високи парични казни кои достигнуваат и до 8.000 евра, долгорочно одземање на возачките дозволи и активирање на Кривичниот законик, од денеска во Грција стапи во сила новиот закон за безбедност во сообраќајот.

Ако патувате во Грција со автомобил, бидете особено внимателни: од денеска стапи во сила нов закон за безбедност во сообраќајот кој предвидува високи парични казни, долгорочно одземање на возачките дозволи, па дури и затворски казни.

Сообраќајните прекршоци што до вчера се санкционираа со неколку стотини евра, сега можат да чинат илјадници. Главен фокус на новите мерки се најчестите причини за несреќи – користење мобилен телефон зад волан, неносење појас или кацига, возење под дејство на алкохол и пребрзо возење.

Казни од 350 до 2.000 евра за употреба на мобилен телефон или за неносење појас или кацига на мотор, казни од 2.000 до 8.000 евра за брзина од над 200 километри на час, казна до 2.000 евра за поминување на црвено, активирање на Кривичниот законик при опасно возење, воведување систем на казни на повеќе нивоа при повторување на прекршокот, предвидува меѓу другото новиот во закон.

Што треба да знаете?

  • Мобилен телефон: казни од 350 до 2.000 евра и одземање на возачка дозвола од 30 дена до една година. Ако поради тоа се предизвика несреќа, санкциите се уште построги и вклучуваат кривична одговорност.
  • Појас и кацига: казни од 350 до 2.000 евра, со забрана за возење до една година. Казнет е и совозачот, но и возачот ако неговиот сопатник не носи заштита.
  • Алкохол: казни од 350 до 4.000 евра и одземање на возачката од еден месец до десет години, во зависност од количината алкохол и бројот на прекршувања. За концентрација над 1,10 г/л – и затвор до пет години.
  • Брзина: надминување на дозволената брзина за повеќе од 50 км/ч носи 700 евра казна, а при повторни прекршоци до 2.000 евра и губење на дозволата. Возење со над 200 км/ч или улични трки се санкционираат со казни до 8.000 евра и одземање на дозволата до четири години.
  • Црвено светло и СТОП: од 350 до 4.000 евра и одземање на дозволата до осум години, во зависност дали е предизвикана несреќа.
  • Паркирање на место за инвалиди: 150 евра, одземање на таблици и возачка дозвола.

Од 1 јануари 2026 година ќе се воведе и ново ограничување на брзината според населените места, додека засега останува лимитот од 50 км/ч во градовите.

Слични Објави