| |

Се одржа четвртиот управен одбор на проектот „Одржливо управување со отпадот на локално ниво“

Со финансиска поддршка од Шведска, организацијата САЛАР Интернешнл го спроведува проектот за подобро управување со отпад во општините од Пелагонискиот и Југозападниот регион. На неодамнешниот состанок присуствуваа претставници од Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за локална самоуправа, ЗЕЛС, како и градоначалниците на Прилеп и Новаци.

На состанокот беа презентирани клучните достигнувања за 2024 година, меѓу кои и донесувањето на локални акциски планови за управување со отпад во 15 општини, почетокот на селекција на отпад во пет пилот општини, изработката на нови локални регулативи, спроведувањето на едукативни обуки во 30 училишта и мобилизацијата на средства за затворање на депонијата Буково. Дополнително, беа претставени плановите за изградба на центри за селекција на отпад во четири општини.

Во 2025 година, проектот ќе се фокусира на поддршка на локалните акциски планови, обезбедување дополнителни средства, организирање обуки за општинскиот персонал и јавните комунални претпријатија, поддршка за затворање на депонии, формирање на меѓуопштински одбор за управување со отпад и подобрување на услугите преку меѓуопштинска соработка.

Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, ја нагласи важноста на проектот за општината, особено во однос на експертската поддршка, подобрувањето на регулативите, воспоставувањето на центар за селекција на отпад и едукацијата на учениците и наставниците.

Овој проект претставува значаен чекор кон одржливо и ефикасно управување со отпад во регионот, со цел подобрување на животната средина и квалитетот на животот на граѓаните.

Слични Објави