(видео)Ротари и Ротаракт Прилеп со нови претседатели – Новата ротаријанска година почна
Со симболичното предавање на инсигнијата, Ротари клубот Прилеп ја отвори новата ротаријанска година, продолжувајќи ја својата мисија за служба во заедницата, хуманост и пријателство.
На свеченоста досегашниот претседател Орде Ѓорѓиoски му ја предаде функцијата на новиот претседател, проф. Александар Костадиноски., кој ќе го предводи клубот во наредните 365 дена. Промени имаше и во Ротаракт клубот Прилеп, каде Христи Николоски му ја предаде претседателската должност на Емил Батаклив, како симбол на контиуитет на млади лидери во ротаријанското семејство.
Зад Ротари клубот Прилеп останува исклучително успешна година. Во текот на мандатот беа реализирани дури 25 проекти, бројни хуманитарни акции и донации таму каде што беа најпотребни. Посебен акцент беше ставен на активностите кои ја поттикнуваат општествената одговорност и ја испраќаат пораката дека само преку заедништво, солидарност и взаемна поддршка може да се создаваат подобри услови за живот.
Свеченоста беше збогатена и со еден историски момент за прилепското ротаријанство. Искусните носители на ротаријанската идеја во Прилеп, Никола Мариноски и Бојан Москов, пред членовите на клубот објавија дека станаа првите прилепчани кои се дел од престижниот Пол Харис клуб – признание што се доделува на ротаријанци со признание за исклучителен придонес и донации за Ротари фондацијата.
Со ново раководство, нова енергија и јасна визија, Ротари клубот Прилеп и Ротаракт клубот Прилеп влегуваат во новата ротаријанска година со амбиција да продолжат да ја градат културата на хуманост, волонтерство и општествена одговорност, оставајќи трајни вредности во локалната заедница.



