Ротари клуб Прилеп донираше електронска видео лупа за Здружението на слепи лица

Ротари клуб Прилеп денеска му донираше професионален уред – електронска лупа (дигитална видео лупа) на Здружението на слепи лица на град Прилеп.

Станува збор за современ уред со камера и екран, кој им овозможува на лицата со оштетен вид, односно на слабовидните лица, полесно да читаат текстови и да ги гледаат деталите преку зголемување на сликата и висок контраст.

Донацијата е обезбедена од партнерскиот Ротари клуб Кочани-Виница, на кој од Ротари клуб Прилеп му упатија искрена благодарност за поддршката и хуманоста.

Од клубот истакнуваат дека уредот ќе биде од голема корист за слабовидните членови на здружението, бидејќи ќе им помогне полесно да пристапуваат до информации, да учат и да бидат поактивни во секојдневниот живот.

Инаку, Здружението на слепи лица на град Прилеп брои 185 членови, а ваквите донации претставуваат значајна поддршка за подобрување на квалитетот на нивниот живот.

Слични Објави