Ранетата срна од Кичевско доби шанса за живот — Бамби е вдомена во село

Малата срна Бамби, која пред неколку дена беше пронајдена во Кичевско со тешки повреди предизвикани од нелегална стапица, доби нова шанса за живот. Иако ветеринарните прогнози остануваат крајно неизвесни, од Здружението за заштита на животни „Анимал рескју проект“ информираат дека засега нема да биде евтаназирана, туку ќе продолжи со интензивно лекување и нега.

Двомесечната срна била пронајдена од двајца вработени во ЕВН во житно поле во Кичевско, со три тешко оштетени нозе. Според активистите, животното најверојатно се фатило во нелегална стапица поставена за диви свињи. Иако некој ја ослободил од стапицата, ја оставил беспомошна, со длабоки, инфицирани рани полни со ларви.

По првичниот ветеринарен третман во Кичево, Бамби била транспортирана во Скопје, каде биле направени рендгенски снимки и повеќе специјалистички прегледи. Првичните надежи дека ќе биде неопходна ампутација само на една нога брзо исчезнале, откако било утврдено дека три екстремитети се неповратно оштетени.

Од здружението велат дека консултирале повеќе ветеринари со искуство во лекување диви животни, кои оцениле дека шансите за закрепнување се минимални. Сепак, наместо веднаш да ја донесат најтешката одлука, решиле да ѝ дадат уште малку време.

Бамби е преместена во мирна рурална средина, каде ќе продолжи да прима терапија, редовни преврски и постојан ветеринарен надзор. Таму не е сама – друштво ѝ прави мало јаре, кое активистите го откупиле од сигурно колење. Двете животни брзо се зближиле и сега престојуваат заедно, што, според негувателите, позитивно влијае врз состојбата на срната.

Од „Анимал рескју проект“ нагласуваат дека нивната објава никогаш не била апел за финансиска помош, туку повик институциите да преземат конкретни мерки против нелегалните стапици кои секојдневно претставуваат опасност за дивите животни, но и за луѓето.

Тие предупредуваат дека државата сè уште нема специјализиран центар за згрижување и лекување на повредени диви животни, ниту јасни протоколи за постапување во вакви случаи.

Здружението упати благодарност до вработените во ЕВН, кои ја пронашле срната, организирале нејзин транспорт и ги покриле првичните ветеринарни трошоци, како и до ветеринарните амбуланти и специјалистите кои бесплатно учествувале во нејзиното лекување.

Иако прогнозите остануваат крајно неповолни, активистите порачуваат дека нема да се откажат додека постои и најмала надеж дека Бамби ќе добие шанса за достоинствен живот.

Слични Објави