Ротари клуб Прилеп ја постави првата информативна табла за планинарските патеки на Селечка Планина
Ротари клуб Прилеп ја постави првата информативна табла со детални информации и QR-кодови за трите целосно обележани планинарски патеки на Селечка Планина.
Таблата е поставена во непосредна близина на манастирот „Св. Димитрија“ во селото Селце, на почетокот на главната планинарска патека. На неа посетителите можат да добијат информации за секоја патека, нејзиниот назив, должината, како и преку QR-кодовите да пристапат до дигитална навигација која ги води до избраната дестинација и назад.
Од Ротари клуб Прилеп информираат дека сите патеки се соодветно обележани на терен со јасно видливи ознаки, а дигиталната апликација овозможува сигурна и прецизна ориентација за планинарите и рекреативците.
Со оваа иницијатива, клубот има за цел да го поттикне спортскиот дух, рекреацијата и престојот во природа, како и да придонесе за поголема туристичка промоција на природните убавини на Селечка Планина.
Воедно, од Ротари клуб Прилеп упатуваат апел до сите посетители одговорно да се однесуваат кон природата, да не оставаат отпад зад себе и да внимаваат да не предизвикаат шумски пожари, особено во летниот период кога ризикот е значително зголемен.
Потсетуваат дека пред неколку месеци Ротари клуб Прилеп донираше дрон на Територијалната противпожарна единица – Прилеп, кој се користи за следење на шумски пожари и сомнителни активности во заштитени подрачја.





