Ново откритие ја потврдува историската важност на Градиште кај Црнобуки

Археолошкиот локалитет Градиште кај селото Црнобуки повторно го привлече вниманието на домашната и меѓународната научна јавност, откако годинашните археолошки истражувања резултираа со откривање на депо со повеќе антички монети, како и бројни движни и недвижни археолошки наоди кои дополнително ја осветлуваат историјата на овој значаен локалитет.

Истражувањата се реализираат во рамки на долгогодишен проект на Завод и музеј – Битола, во соработка со Универзитетот Кал Поли Хамболд од Арката, Калифорнија, САД. Археолозите посочуваат дека секој нов пронајден предмет претставува дел од сложениот мозаик што сведочи за животот, економијата и трговските врски на древниот град кој сè уште ја крие својата вистинска историја.

Меѓу најзначајните откритија се монети од времето на кралот Филип II Македонски и неговиот син Александар Велики, како и примероци од периодот на Октавијан Август. Во богатата збирка се застапени и кованици од античките градови Пела, Тесалоника, Амфиполис и Дирахион, што сведочи за развиените трговски и економски врски на населбата со најважните центри во регионот.

Особено внимание кај научната јавност привлекуваат сребрените монети од римскиот републикански период, кои, според археолозите, го вбројуваат ова депо меѓу најзначајните од ваков вид откриени на територијата на Македонија.

Покрај богатата нумизматичка колекција, археолошките ископувања откриваат траги од работилници, занаетчиски објекти и друга инфраструктура што укажува дека Градиште не било обична населба, туку значаен трговски и економски центар во антиката.

Иако досегашните резултати отвораат нови сознанија, останува неодговорено прашањето кој антички град всушност се крие под локалитетот Градиште. Дополнителни анализи и идни истражувања треба да помогнат во разрешувањето на оваа историска дилема.

Истражувањата покажуваат и континуитет на живот на локалитетот кој се протега сè до бронзеното време, што дополнително ја нагласува неговата археолошка и научна вредност.

Археолошкиот проект го предводат Енгин Насух и Слободан Стојкоски од Завод и музеј – Битола, во соработка со американскиот археолог Ник Ангелоф, Џесика Морис и повеќе од 25 студенти и волонтери од САД. Во тимот учествуваат и археолозите Моника Нолева, Славе Стојанов и Стефан Малбашиќ.

Од Завод и музеј – Битола истакнуваат дека откриените артефакти ќе бидат детално исчистени, конзервирани и научно обработени, по што се очекува да бидат претставени пред јавноста во музејска поставка.

Ова откритие претставува уште една потврда за богатото културно-историско наследство на Македонија и отвора нови можности за археолошки истражувања, научна соработка и развој на културниот туризам.

Слични Објави