Во Прилепската Болница изведена првата сложена операција на рбет
Во Општата болница „Борка Талески“ во Прилеп денес беше изведена првата сложена операција на рбетниот столб надвор од Скопје и Охрид, што претставува значаен чекор во развојот на регионалното здравство. Интервенцијата се однесувала на лумбалниот сегмент од рбетот и е оценета како целосно успешна.
Операцијата ја изврши Д-р Игор Мерџановски, во соработка со тимот од Клиниката за ТОАРЛИУЦ и одделението за ортопедија и трауматологија при прилепската болница. Анестезиолозите Д-р Маргарита Пирганоска и Д-р Александар Димитровски исто така беа дел од медицинскиот тим. Според болницата, процедурата поминала без компликации, а пациентот е во стабилна состојба и се очекува брзо закрепнување.
Од болницата истакнуваат дека ваквите интервенции се дел од пошироката стратегија за дисперзија на здравствените услуги од терциерно кон секундарно ниво. Со тоа, се намалува потребата пациентите да патуваат во Скопје или Охрид, се скратува времето на чекање и се намалуваат финансиските трошоци за граѓаните.
„Нашата цел е вакви операции да станат редовна пракса во Прилеп, со што ќе го растеретиме здравствениот систем и ќе овозможиме поквалитетна и подостапна услуга за пациентите,“ велат од болницата.
Од установата упатуваат благодарност до сите медицински тимови кои учествуваа во подготовката и реализацијата на интервенцијата, а на пациентот му посакуваат успешна рехабилитација.



