Поевтинува дизелот – ова се новите цени што ќе важат од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) денеска донесе нова одлука за корекција на малопродажните цени на горивата. Од ноќеска на полноќ дизел горивата поевтинуваат за еден денар по литар, додека цената на бензините останува непроменета. Со пресметката, малопродажните цени на нафтените деривати во просек се намалени за 1,1 отсто.
Според новите цени:
- ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе се продава по 69,5 денари за литар
- Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) ќе изнесува 66,5 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 95 останува 75 денари за литар
- ЕУРОСУПЕР БС – 98 и понатаму е 77 денари за литар
Намалување има и кај мазутот М-1 НС – неговата малопродажна цена се коригира надолу за 0,902 денари за килограм, и од полноќ ќе изнесува 33,963 денари.
Од РКЕ информираат дека корекцијата се должи на пониските референтни цени на нафтените деривати на светските берзи. Во однос на претходната пресметка, бензините бележат пад од 1,220 отсто, дизелот од 3,302 отсто, екстра лесното масло од 2,323 отсто, а мазутот од 4,403 отсто. Дополнителен фактор е и понискиот курс на денарот во однос на доларот, за 0,0096 отсто.



