Голем успех на младите научници – 4 медали од IJSO во Сочи
Македонските млади научници постигнаа забележителен успех на 22. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO), која се одржа од 23 ноември до 2 декември 2025 година во Сочи, Русија. Учесниците од државата се враќаат со четири бронзени медали, соопштија од Друштвото на физичарите на Македонија.
На 22. Меѓународна јуниорска олимпијада по природни науки (IJSO 2025), која се одржа од 23 ноември до 2 декември 2025 година во Сочи, Русија, Македонија ја претставуваа шест ученици.
Бронзени медали освоија:
- Валентино Атанасоски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје;
- Дора Милева, ученичка во прва година во СОУ „Јане Сандански“, Штип;
- Јордан Соколовски, ученик во прва година во ПСУ „Јахја Кемал“, Скопје;
- Дамјан Чамушев, ученик во деветто одделение во ООУ „Ванчо Прке“, Штип.
Своето знаење успешно го претставија и останатите членови на македонскиот тим:
- Глигор Иваноски, ученик во прва година во гимназијата „Мирче Ацев“, Прилеп;
- Никола Зорески, ученик во прва година во ПСУ „Алгоритам“, Скопје.
Тимот го предводеа д-р Боце Митрески и д-р Методија Најдоски, редовни професори на Природно-математичкиот факултет во Скопје, како и дипл. мол. био. Филип Петровски, демонстратор на ПМФ.
Од Друштвото на физичарите, Сојузот на хемичарите и технолозите и Македонското биолошко друштво упатија честитки до учениците и благодарност до сите кои придонесоа во организацијата и подготовките, меѓу кои и ПМФ – Скопје, Министерството за образование и наука и поддржувачките компании Eam T-Shirts, Albatros – Модна конфекција, Ангротекс – Штип и Ekohem Klin – Прилеп.
Според организаторите, успехот на македонските ученици е доказ за континуираниот развој на природните науки во земјата и за високото ниво на знаење што младите го демонстрираат на меѓународни натпревари.



