Во понеделник блокада на патот Битола – Прилеп кај Тополчани – ПРОТЕСТ НА ПЕЛАГОНИСКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ

Производителите на пиперки за понеделник (14 септември) најавија протест со целосна блокада на регионалниот пат Битола – Прилеп. Блокадата ќе се одржи на сообраќајниот јазол кај селото Тополчани, во периодот од 10:00 до 11:00 часот.

Организаторите упатуваат апел за масовно присуство до сите земјоделци од регионот, истакнувајќи дека кризата не ги погодува само градинарите, туку дека сите земјоделски гранки во моментот се соочуваат со сериозен колапс.

„Земјоделците не протестираат за да им создаваат пречки на останатите учесници во сообраќајот, туку поради тоа што се доведени во прашање нивната егзистенција и опстанокот на производството. Очекуваме институциите конечно да ја преземат одговорноста и да понудат конкретни мерки“, порачуваат од групата незадоволни земјоделци.

Сообраќаен режим за време на протестот

За време на едночасовниот прекин од 10:00 до 11:00 часот, сообраќајот на патниот правец Прилеп – Битола и обратно ќе биде во целосен прекин за сите патнички и товарни возила.

Со цел неопречено функционирање на итно потребните служби, пропуштање ќе биде овозможено за:

  • Возила на Итната медицинска помош и приватни возила кои превезуваат болни лица
  • Припадници на Полицијата и Армијата
  • Возила на Противпожарната служба

Слични Објави