„Линија, форма и простор“ – изложба на Филип Перески во Прилеп
„Линија, форма и простор“ е насловот на најновата изложба на академскиот уметник Филип Перески, која синоќа беше отворена во Ликовната галерија при НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп.
Поставката ја сочинуваат слики и скулптури преку кои Перески ги истражува можностите на линијата, формата и просторот, притоа создавајќи сопствен ликовен израз кој се движи меѓу апстрактното и асоцијативното.
Според историчарката на уметност м-р Викторија Димеска, авторот на инвентивен начин ја реконтекстуализира линијата – од дводимензионалната површина на сликарското платно до формата во тродимензионалниот простор.
„Неговото сликарство се одликува со спонтани искривени линии коишто асоцираат на органски и динамични облици. Во апстрактно-асоцијативните композиции доминира активниот однос и слободната креативна игра меѓу ликовните елементи во просторот, преку контрастот и градацијата на линијата и бојата“, истакнува Димеска.
Посебен сегмент од изложбата претставуваат скулптурите, во кои Перески ја искривува и раскршува линијата, создавајќи минималистички геометриски форми. Во нив се преплетуваат „полна“ маса и мрежно испреплетени „празни“ колоритни интервенции, со што авторот воспоставува динамичен однос меѓу материјалот, просторот и бојата.
Филип Перески е академски уметник и работи како наставник по ликовно образование во Прилеп. Во своето досегашно творештво има реализирано повеќе самостојни и групни изложби, а учествувал и на бројни ликовни колонии.
Изложбата „Линија, форма и простор“ претставува уште една можност прилепската публика да се запознае со неговиот современ ликовен израз и со истражувањата на линијата и формата како основни елементи во визуелната уметност.


