|

Во Општина Прилеп се одржа втора јавна средба за подготовка на буџетот за 2026 година


По минатонеделната консултација со граѓаните, на која отворено се дискутираше и предлагаа идеи, синоќешната средба беше дополнета со учество на претставници од бизнис секторот, невладини организации, здруженија, како и од Занаетчиската комора и угостителскиот сектор.



Учесниците ги споделија своите предизвици, идеи и приоритети кои треба да бидат дел од развојните политики на општината, а особено беше нагласено дека транспарентноста и вклучувањето на секого се клучни за донесување ефикасни и праведни одлуки.

Од организацијата АГТИС, која веќе пет години активно работи на унапредување на отчетноста и транспарентноста во општините од Пелагонија, истакнаа дека ова е важен чекор напред.

Посочија дека процесите кои на почеток беа тешки, со недоверба кај граѓаните и неподготвеност на општините да го препознаат значењето на отвореното владеење, денес добиваат сè поголема поддршка и видлив напредок. Салата е полна и граѓаните сакаат да знаат како се планира и за што ќе биде потрошен буџетот. АГТИС повторно ја нагласува потребата од јасна транспарентност – не само во буџетските процедури, поставување на документи, стратегии, информации од јавен карактер на веб страната, објавување податоци и навременото информирање на јавноста. Исто така и при распределбата на средствата предвидени за здруженија и спортски клубови, да не се доделуваат средства на организации кои имаат вработени лица во општината, следење на реализацијата од проктите.

На средбата се разговараше и за нови програми за социјална заштита, млади, родова рамноправност како и можноста за одвојување поголеми средства за невладините организации кои работат токму во овие области. Исто беше нагласено дека е многу важно од предвидениот буџет во висина од 10 милиони денари за 2026 година, да се одвојат средства за кофинансирање на проекти кои ќе бидат дадени на организации кои имаат добено средства од ЕУ и други донатори.
Се оценува дека ваквиот пристап претставува заеднички пат кон подобра, поправедна и поодговорна општина, каде граѓаните, институциите и организациите активно учествуваат во креирањето на локалните политики.

Слични Објави