Два нови проекти за животна средина во Прилеп – 4,5 милиони денари инвестиција
Општина Прилеп обезбеди финансиска поддршка за реализација на два нови проекти во рамките на Програмата за рамномерен регионален развој за 2025 година, спроведена од Министерството за локална самоуправа – Биро за регионален развој.
Првиот проект, под наслов „Подобро одржување на зелените површини во Општина Прилеп“, е поддржан со 2,5 милиони денари преку Повикот за развој на урбаните подрачја и одржлив урбан развој. Со овие средства ќе се набави нов мини багер, кој ќе овозможи поефикасно и континуирано одржување на јавните зелени површини во градот.
Вториот проект, „Пошумување на споменикот на природата Маркови Кули заради воспоставување стабилност на еколошките процеси и биолошката предeлска разновидност“, доби финансиска поддршка од 2 милиони денари преку Повикот за развој на подрачјата со специфични развојни потреби. Предвидена е набавка на трактор со приколка и дополнителна опрема неопходна за пошумување и заштита на овој значаен природен локалитет.
Договорите за реализација на двата проекта се веќе потпишани, а активностите на терен ќе се спроведуваат во соработка со ЈКП „Комуналец“ – Прилеп, на кое ќе му биде предадена новата механизација.



