|

Легализацијата на општинската зграда под прашање – Советникот Стеваноски бара одговори

Советникот во Советот на Општина Прилеп и адвокат, Жарко Стеваноски, објави став во кој отвора сериозни прашања околу правниот статус на општинската зграда.

Тој се повикува на Извештајот на Државниот завод за ревизија од 2023 година, во кој, како што наведува, се констатирани повеќе неправилности:

  • По Одлуката на Владата во 2008 година, со која објектот од страна на Министерството за одбрана ѝ е даден на Општина Прилеп на користење без надомест, Општината издала Одобрение за градење со кое била предвидена реконструкција и надградба на објектот, спротивно на член 10 од Договорот;
  • По завршувањето на инвестиционите работи, објектот бил пуштен во употреба без одобрение од надзорен инженер;
  • Објектот бил ставен во употреба без издадено Одобрение за употреба, што, според ревизијата, не е во согласност со Законот за градење;
  • До неодамна, објектот не бил запишан во Агенција за катастар на недвижности како сопственост на Општина Прилеп, бидејќи по извршената надградба фактичката состојба не соодветствувала со документацијата и немало Одобрение за употреба.

Во февруари 2026 година, градоначалникот на Прилеп, Дејан Проданоски, соопшти дека општинската зграда добила имотен лист.

Стеваноски јавно прашува: „Како е тоа можно?“

Тој се повикува на член 56 од Законот за градење, според кој делови од градба изградени спротивно на заверен проект и одобрение за градење се основ за ништовност на одобрението, при што надлежниот орган донесува акт за ништовност, кој претставува основ за бришење на сите запишувања поврзани со недвижноста.

Според него, доколку навистина се направени измени на основниот проект и одобрението за градење по изведбата на работите, тоа отвора прашања за евентуална кривична одговорност.

Слични Објави