|

Кедев со порака по добивањето на Орден „8 Септември“: „Македонското знаме го носев на сите врвови“

Кардиологот и алпинист Сашко Кедев вчера го прими високото државно одликување Орден „8 Септември“, доделено од претседателката Гордана Силјановска Давкова за неговите исклучителни достигнувања во медицината и историскиот успех како прв Македонец кој ги има искачено сите 14 светски врвови повисоки од 8.000 метри.

Кедев истакна дека наградата ја посветува на сите граѓани и на сите Македонци ширум светот.

„Силата ми ја даваше целта да го развеам македонското знаме на сите тие врвови. Тој успех им го посветувам на сите Македонци, каде и да се“, рече Кедев.

Тој упати длабока благодарност и до колегите со кои пред три децении ја формирале Интервентната кардиологија, потенцирајќи дека успесите се заеднички.

Во својата изјава додаде и мотивациска порака:

„Суштината во животот е да најдеме активност што не постои заради крајната цел, туку од чиста внатрешна мотивација.“

Со одликувањето „8 Септември“ се одбележуваат значајни достигнувања во развојот на државата, а Кедев со својот подвиг влегува во историјата како еден од најуспешните македонски алпинисти.

Слични Објави