ВО БИТОЛА СЕ ОДБЕЛЕЖУВА ЕВРОПСКАТА НЕДЕЛА НА МОБИЛНОСТ
Општина Битола со повеќе активности од 17 до 22 септември ја одбележува Европската недела на мобилност, која е востановена од Европската Унија и се одбележува во повеќе европски земји. Во одбележувањето со свои активности се вклучени повеќе институции меѓу кои Републичкиот и Општинскиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, СВР Битола, како и ученици од основните и средните училишта, студенти, наставници, велосипедски клубови и други учесници.
Општина Битола во соработка со Europe House Bitola, организираа забавна активност за младите од основните и средните училишта во градот. Активноста се состоеше од три велосипедски игри со цел подигнување на свеста за Зелената дипломатија и за зачувување на урбаните средини со намалување на загадувањето.
Настанот го посети Градоначалникот на Општина Битола кој разговараше со младите учесници кои имаа можност да учествуваат и да се натпреваруваат, да се соочат со предизвиците, но и да се забавуваат и дружат со нивните врсници.