|

(видео) Стеваноски: Комисијата утврдила дека нема опасност, но дрвото сепак е пресечено

Адвокатот Жарко Стеваноски поднел пријава до Комуналниот инспекторат против Комисијата за сечење дрвја на Општина Прилеп, градоначалникот и директорот на ООУ„Кочон Рацин“- Прилеп, поради сечењето на јавор во училиштен двор.

Како што објаснува Стеваноски, до Комисијата за сечење дрвја било поднесено барање за отстранување на две дрвја во рамки на реконструкцијата на спортското игралиште во училиштето.

Комисијата, според него, излегла на лице место и констатирала дека дрвјата не претставуваат опасност, но дала мислење дека треба да бидат отстранети заради реализација на реконструкцијата на училишниот двор.

Неколку дена подоцна, едниот од јаворите бил пресечен.

Стеваноски посочува дека на влезот на училиштето, според него, нема поставено табла со информации за изведувачот и реализацијата на работите, а поставува и прашање за начинот на финансирање на реконструкцијата и средствата предвидени за проектот.

Според адвокатот, сечењето било спротивно на одредбите од Законот за урбано зеленило. Тој тврди дека отстранување на дрво е дозволено во случаи кога тоа е неопходно за изградба на објект, што, според него, не е случај со реконструкцијата на спортското игралиште.

Стеваноски дополнително посочува дека, согласно законските обврски, при отстранување на дрвја градоначалникот треба да предвиди и компензациски мерки, односно засадување нови садници на соодветна површина.

„Ова дрво повеќе го немаме“, вели Стевањоски, посочувајќи дека Општина Прилеп, според него, мора да постапи согласно Законот за урбано зеленило и да засади нови дрвја.

Тој очекува Комуналниот инспекторат да постапи по пријавата и, доколку утврди прекршување, да бидат изречени соодветни санкции.

Адвокатот во видеото ја критикува и грижата за урбаното зеленило во Прилеп, оценувајќи дека градот и онака има недостиг од зеленило и дека локалната власт треба доследно да ги почитува законските обврски.

Слични Објави