Прилеп и Топољчани го одбележуваат 20-годишниот јубилеј од збратимувањето

Пријателството меѓу Прилеп и словачкиот град Топољчани продолжува да се гради и продлабочува и по две децении од потпишувањето на договорот за соработка и збратимување. По повод значајниот јубилеј, прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски престојува во Топољчани, каде што учествува во одбележувањето на традиционалните „Денови на Тополчани“.

Во фокусот на средбите се досегашните резултати од партнерството, но и можностите за негова понатамошна надградба преку европски проекти, култура, туризам, заштита на животната средина, управување со отпадот и економска соработка.

Две децении пријателство, партнерство и соработка меѓу Прилеп и Топољчани, Словачка, се одбележуваат годинава со посета на прилепскиот градоначалник Дејан Проданоски на Тополчани, по покана на градоначалничката Александра Гјециова.

Проданоски деновиве престојува во Тополчани по повод традиционалните „Денови на Топољчани“ и 20-годишниот јубилеј од соработката и збратимувањето меѓу двата града.

На својот Фејсбук профил, градоначалникот ја истакна важноста на долгогодишното партнерство, нагласувајќи дека зад дватаесетгодишната соработка стојат бројни средби, пријателства, културни размени, заеднички иницијативи и взаемна почит.

„20 години не се само бројка, тоа се години исполнети со средби, пријателства, културна размена, заеднички иницијативи и взаемна почит“, напиша Проданоски.

Во рамки на посетата, како што посочува прилепскиот градоначалник, се разговарало и за можностите за продлабочување на соработката во повеќе области, меѓу кои европските проекти, заштитата на животната средина, управувањето со отпадот, културата, туризмот и економското поврзување.

Особено значајна за продолжување на пријателските односи меѓу двата града е културната соработка. Проданоски ја издвојува неодамнешната посета на фолклорни ансамбли од Словачка, кои беа гости на фестивалот „Итар Пејо“ во Прилеп.

„Особено ме радува што нашето партнерство живее преку луѓето и културата. Неодамнешната посета на фолклорни ансамбли од Словачка, кои беа наши гости на фестивалот „Итар Пејо“ во Прилеп, е уште една потврда дека пријателствата меѓу градовите најсилно се градат преку директните средби и размената меѓу нашите граѓани“, наведува градоначалникот.

Проданоски во својата објава информира и дека за националната телевизија на Словачка упатил порака за значењето на долгогодишното партнерство меѓу Прилеп и Топољчани.

„Имав чест и за националната телевизија на Словачка да испратам јасна порака: Прилеп и Топољчани остануваат пријатели, партнери и градови поврзани со трајни мостови на соработка“, пишува тој.

Дваесетгодишниот јубилеј, според Проданоски, претставува можност да се сумира досегашната соработка, но и да се постават основите за нови заеднички активности и проекти.

„Овој значаен јубилеј е можност да го одбележиме она што заедно го создадовме, но и да отвориме нови перспективи за иднината“, истакнува градоначалникот.

Во продолжение на својата порака, тој упатува порака за продолжување на соработката меѓу двата збратимени града:

„20 години се зад нас, но најважно е она што заедно ќе го создадеме во годините што следуваат.

За уште многу години пријателство, партнерство и заеднички успеси!“

Јубилејот од 20 години збратимување претставува уште една потврда за континуираните врски меѓу Прилеп и Тополчани, кои низ годините се развиваат преку институционална, културна и граѓанска размена.

Фото – ФБ профил Дејан Проданоски

Слични Објави