Работодавачите не можат да најдат кадар – Над 10.000 слободни работни места во Македонија

Во првото тримесечје од 2026 година во Македонија останале непополнети 10.247 работни места, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Стапката на слободни работни места изнесува 2,07 проценти, што укажува на сериозен недостиг на работна сила во повеќе сектори.

Најголема побарувачка има за работници во услужните дејности и продажбата, каде што се евидентирани 2.346 слободни работни места. Недостигот најмногу се чувствува во маркетите, продавниците, рестораните, кафулињата и хотелите.

Особено загрижувачка е состојбата во угостителството, каде што секое дваесетто работно место останува непополнето. Работодавачите сè потешко наоѓаат келнери, готвачи, рецепционери и друг персонал, особено пред почетокот на туристичката сезона.

Голем број слободни работни места има и во преработувачката индустрија (2.174), како и во трговијата на големо и мало (2.067).

Според статистиката, најголеми проблеми со вработување имаат малите и средни компании со 10 до 49 вработени, кои потешко се натпреваруваат со поголемите фирми во привлекувањето работници.

Економските аналитичари предупредуваат дека иселувањето на младите, стареењето на населението и недостигот од квалификуван кадар стануваат сериозна пречка за понатамошниот економски развој на земјата.

Слични Објави