Припрема за Проштени поклади – Прочка
Како поим овој поим се користи да се означат четирите големи годишни пости, односно последниот ден пред постите. Во народот овој поим се користи да се означи последниот ден од сирната недела, почетокот на велигденските пости или (најчесто) денот кога се простуваме со најблиските.
Покладите “паѓаат” седум недели пред Велигден, во недела, па нема фиксен датум на одржување.
Освен црковното одредување на датумот (санкционирано во библиската митологија преку неделата на блудниот син и неделата на Митар и Фарисеј) и некои обредни дејствија, кои се одржуваат во црквите, нема други христијански елементи во комплексот обреди кои јасно покажуваат пагански карактер. Христијанската скрама на овие обичаи е резултат од црковната пракса од времето на воспоставување на христијанството (првите векови на нашата ера) кога деновите од паганскиот годишен календарски циклус се врзуваат за некои христијански светци или периоди од христијанскиот календар, со цел тие обичаи да се христијанизираат.
Неделата пред Прочка се нарекува бела или сирна недела, кога не се јаде месо, туку се јадат млечни продукти или сукани пити. Прочка во семејството се одбележува со богат ручек кој завршува со амкање јајца (варено јајце се врзува на конец над трпезата и се завртува над главите на децата, а она што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно во следната година и добива награда).
Денот по Прочка е чист понеделник кога почнува големиот велигденски пост. Прочка го означува и крајот на зимските и почетокот на пролетните празници.
По црковната пасхалија постојат четири подготвителни недели (седмици) пред Великиот постот, а тие се: Неделата на митарот и фарисејот (за смирението), Неделата на блудниот син, Недела месопусна и Недела сиропусна.
Неделата на митарот и фарисејот се базира на „смирението“, односно на „не – горделивоста“, затоа што „доброто дело направено со гордост ја губи својата вредност и значење“ и таквата молитва не може да биде прифатена од Бога (да говориш во молитвата дека ти не си грешен). Фарисеите се свештеници, кои го толкувале стариот завет, а некои од нив, кога гогореле дека не се грешни, „се опоганувале“. Митрите се даночници, кои собирале данок за Римјаните и биле презрени и нечисти. Сепак, еден од нив се помолил и понизно го молел Бога да му прости оти е грешен. Тој „се исчистил“ повеќе отколку фарисејот, кој говори дека е безгрешен. Смирението значи точно тоа: да се молиш и правиш добри. дела без да се самовеличаш.
Неделата на блудниот син се базира на покајанието, илустрирано со приказна (парабола) за богат човекот, кој имал 2 сина. Помладиот син го замолил татка сѝ да му го даде неговиот дел од наследството, а потоа отишол далеку и потрошил сè. После тоа се освестил, посакал да се врати при татко сѝ, покорен и покајан и помислил да му рече да го прими назад како наемник, иако не е достоен да му биде син. Но, кога се приближил кон родителскиот дом, неговиот татко, притрчал да го пресретне својот „блуден“ син и прегрнувајќи го почнал до го целива со зборовите: „Овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде“. Оваа приказна покажува дека Бог простува и нè љуби и нѐ чека. Покајанието нè води кон Бога.
Месопусната недела е наречена уште и Недела на Страшниот Суд, затоа што тогаш се говори за делата, кои се прават и кои треба да бидат ем правични, ем посветени на Бога. Спасението и Страшниот Суд ќе зависат од делата на луѓето, не од нивните намери. „Месопусна“ се нарекува неделата, бидејќи после неа, сите денови кои следат до Велигден постои пост со воздржување од јадење месо.
Сиропусната недела, „Сирна недела“, „Бела недела“, „Месни поклади“ или “Масленица“, е последната седмица пред Прочка, односно седмата недела пред Велигден и треба да се јаде млеко и млечни производи, јајца и риба. Оваа недела е посветена на изгонувањето на Адам и Ева од Рајот. Простувањето е центар на неделниот обред пред постот и за тоа и Црквата говори, а во храмовите сите сѝ простуваат едни на други.
Постот е празничен настан и треба да постиш измиен и чист и да не постиш заради другите, туку заради Бога. Евангелието за последната недела е исто така насочено кон постoт.
Во Македонија постојат серија народни обичаи за „сирната недела“. Во Битуше се нарекува „Недела на коматите“, затоа што се меси по еден комат за секоја машка глава во фамилијата.
Понеделникот е познат под името „Веторница“ и се подготвувала питулица, со повеќе турани кори, кои се печат во црепна со сач, со која се канел ветрот на ручек (машко дете излегува со питулица во дворот и го кани ветерот) и ги украсува родните дрвја со парчиња од питулицата. На ручекот се блосои за родност.
Другите денови се месат обредни лебови („комати“), наменети за домаќинот и за сите машки членови на фамилијата, со неначната вода од некој извор, која е налеана „во глуво доба“, од млада невеста (или некоја друга се променува како млада невеста), во невестинска носија, на некој близок извор. Во водата се ставаат и гранчиња и (понекаде) треби, што е обичај за скоро сите обредни лебови. Со таа вода се замесува првиот обреден леб. Истиот ритуал се повторува секој ден во оваа недела.
На ден Прочка, после првиот мрак се затвораат портите и сите морале да бидат дома, затоа што тој ден „маѓиите фаќале силно“, па затоа дозволено е да се чисти низ куќи на „чисти понеделник“.
Во саботата, недела пред Прочка е Задушница и се оди на гробишта и се носи за јадење.
Пишува: Александар Цветкоски