„Институциите можат да бидат спасители или соучесници“ – Сиљановска-Давкова – четири случаи на фемицид во 2026…
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, оцени дека институционалната превенција против семејното насилство доживува сериозен пораз, откако во првите два месеци од 2026 година во земјава се регистрирани четири случаи на фемицид.
На пленарната седница во Собрание на Северна Македонија посветена на Меѓународен ден на жената – 8 Март, претседателката изнесе податоци според кои во текот на 2025 година биле пријавени 4.745 случаи на семејно насилство и шест убиства.
Таа рече дека по трагичните случаи со Ивана и Катја тешко може да го доживее 8 Март како празник, бидејќи симболиката на овој ден се губи во „мракот на суровата реалност“.
„Тешко е секој 8 март да броиме нови жртви, да презентираме статистики и повторно да ги посочуваме истите проблеми. Овие бројки се слика на општество во кое е загрозено основното човеково право – правото на живот“, изјави Сиљановска-Давкова.
Според неа, клучен момент е пријавувањето на насилството. Ако жртвата добие разбирање и поддршка од институциите, таа ќе се охрабри да се избори за себе. Но, доколку наиде на службеници кои го сметаат насилството за „дел од заедничкиот живот“, довербата во системот се губи и жените продолжуваат да трпат.
Претседателката нагласи дека обучените полицајци, социјални работници и судии можат да бидат или активни спасители или пасивни соучесници во делото.
Во однос на законската рамка, таа предупреди дека не е доволно само фемицидот да биде предвиден како кривично дело во Кривичниот законик, доколку во пракса делата се преквалификуваат или се изрекуваат условни казни наместо најстроги санкции.
Сиљановска-Давкова потсети и дека со ратификацијата на Истанбулската конвенција државата презела обврска да обезбеди функционален систем за заштита на жртвите од насилство, но предупреди дека тие заложби не смеат да останат само декларативни.
На крајот порача дека жените не очекуваат симболична галантност со букети и рози, туку трајна безбедност и систем што ќе го штити достоинството и животот на секоја жена.


