|

ГРАЃАНИТЕ ВО КРИВОГАШТАНИ СО СВОИ ПРЕДЛОЗИ ВО КРЕИРАЊЕТО НА ОПШТИНСКИОТ БУЏЕТ ЗА 2027 ГОДИНА

Со цел зголемување на транспарентноста и вклучување на граѓаните во процесот на донесување одлуки, Општина Кривогаштани започна со одржување средби со жителите за подготовка на општинскиот буџет за 2027 година.

Првата средба се одржа на 6 ноември, во Кривогаштани, каде граѓаните имаа можност непосредно да ги посочат проблемите со кои се соочуваат и да предложат инфраструктурни проекти и иницијативи од интерес за локалната заедница.

Преку ваквиот пристап, општината отвора простор за директна комуникација со граѓаните, чии предлози ќе бидат разгледани при утврдувањето на буџетските приоритети, во согласност со општинските надлежности и расположливите финансиски средства.

Во наредниот период вакви средби ќе се организираат во сите населени места во општината, со цел секој жител да добие можност да учествува во креирањето на локалните приоритети.

Термините и локациите на следните средби ќе бидат објавени на официјалната веб-страница и на социјалните мрежи на Општина Кривогаштани.

Вклучувањето на граѓаните во планирањето на општинскиот буџет претставува важен чекор кон поголема транспарентност, отчетност и донесување одлуки во согласност со реалните потреби на локалното население.

Слични Објави