Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ ги израдуваа штитениците во Домот „Киро Крстески – Платник“
Учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ – Прилеп повторно ја покажаа својата хуманост и општествена одговорност преку хуманитарна акција организирана по повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената.
Со многу ентузијазам и желба да внесат радост, учениците го посетија Домот за стари лица „Киро Крстески – Платник“, каде што на штитениците им подарија внимание, грижа и насмевки.
Во рамките на акцијата, учениците од медицинската струка извршија основни здравствени проверки – мерење на крвен притисок, гликемија и пулсиоксиметрија, при што им дадоа и корисни совети за подобро здравје.
Учениците од фризерската струка се погрижија за изгледот на штитениците – ги стрижеа, фарбаа и фенираа, додека текстилците донираа навлаки за перници кои самите ги изработиле.
Козметичарите внесоа дополнителна свежина со рачно изработени сапуни, а учениците од фармацевтската струка донираа креми кои исто така ги изработиле самите. Покрај тоа, професорите се вклучија со донации на постелнина и други помагала.
Ментори на учениците во оваа хуманитарна мисија беа професорите Наташа Ванчева, Даниела Зојческа, Наташа Мирческа, Наташа Најдоска, Стојне Христоска и Христина П. Димеска.
„Денес внесовме радост, насмевки, љубов и хуманост кај повозрасните, но воедно слушнавме и многу животни приказни исполнети со емоции“, изјави стручниот наставник Наташа Ванчева, која беше организатор на хуманитарниот настан.
Со вакви активности учениците од СОУ „Ѓорче Петров“ уште еднаш покажуваат дека хуманоста, солидарноста и грижата за заедницата се вредности кои се учат и живеат.


