(видео) Едукативен форум театар со полна сала публика во Кривогаштани
Во мултифункционалната сала на Општина Кривогаштани денеска се одржа Форум театарот на тема „Насилство и врсничко насилство“, во организација на Општина Кривогаштани и ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување.
Настанот беше организиран во рамки на глобалната кампања „16 дена активизам против родово заснованото насилство“, со цел подигнување на јавната свест и испраќање јасна порака против сите форми на семејно и врсничко насилство.
Преку интерактивниот пристап на форум театарот, младите имаа можност активно да се вклучат, да дискутираат и да предлагаат решенија за реални ситуации поврзани со насилството. Претставата го поттикна децата на размислувања и отворен дијалог меѓу учесниците.
Форум театарската претстава беше подготвена од младинската волонтерска група на ХЕРА, во соработка со Здружението „Рубикон“, а настанот помина во одлична атмосфера и со голем интерес од страна на децата од основните училишта.
Организаторите истакнаа дека ваквите активности се од особена важност за создавање безбедна, подржувачка и инклузивна средина и најавија продолжување на соработката и во иднина.



