Новаци со ново улично осветлување и инфраструктура – започнува трансформацијата на Индустриската зона
Во Новаци, Индустриската зона добива целосна инфраструктура која ќе ја трансформира општината во атрактивна дестинација за бизнис и инвестиции. Во тек се градежни работи за изградба на улици, поставено е ново улично осветлување, а започнува и изградба на водовод и канализација. Ова се чекори што ќе донесат економски развој и нови работни места за граѓаните.
Општина Новаци го финализираше поставувањето на ново улично осветлување на крак 1 и крак 2 од главните улици во Индустриската зона. Оваа фаза е дел од поширок проект за изградба на три главни улици со вкупна должина од 1,5 километар.
1 и 2 крак се градат со средства обезбедени преку проект од Министерство за локална самоуправа, додека третиот крак во висина од 19 500 000 денари се гради со средства обезбедени преку унгарскиот кредит.
Проектот, со вредност од 60 милиони денари, има за цел да овозможи подобро поврзување, безбедност и логистичка подготвеност за идните инвеститори.
„Ова е дел од еден од најголемите проекти во историјата на нашата општина – изградба на трите главни улици во должина од 1.5 км, со вкупна вредност од околу 60 милиони денари. Со овој капитален проект, отвораме нови можности за економски раст и развој на целата општина и регионот. Подобруваме инфраструктурата, ја зголемуваме атрактивноста за инвестиции и создаваме услови за нови работни места.,“ изјави Стевче Стевановски Градоначалник на Општина Новаци.
Покрај осветлувањето и асфалтирањето, Општина Новаци потпиша договор за грант и започнува со реализација на уште еден важен проект – изградба на водовод, атмосферска и фекална канализација на новопланираните улици во индустриската зона.
Овој проект е дел од Инструментот за капитални инвестиции, преку кој се финансираат 828 проекти низ целата држава, со вкупна вредност од над 13,8 милијарди денари (приближно 225 милиони евра).
Вредноста на овај капитален проект за изградба на водовод, атмосферска и фекална канализација на новопланираните улици во индустриската зона е 33 милиони денари од кои 22 000 000 денари се средства од владата додека останатиот дел приближно 11 000 000 денари се од сопствени средства на општината.
„Доаѓа времето на Новаци – со конкретни проекти, со видливи резултати, и со јасна визија за напредок. Нашата обврска е да создаваме услови за развој – и тоа веќе го правиме,“ истакнуваат од локалната самоуправа.
Со изградбата на модерна и целосна инфраструктура, Индустриската зона Новаци станува подготвена да прими нови бизниси и да создаде економска динамика која ќе се почувствува низ целата општина и регион.


