УКЛО Битола се поврзува со универзитети од Европа
Во Падерборн, Германија, во организација на универзитетот од овој град, се одржува првата официјална средба на членовите на Алијансата на европскиот универзитет Колорс, каде од почетокот на оваа година, членува и битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“, заедно со уште осум други универзитети од Германија, Франција, Шведска, Шпанија, Италија, Полска, Литванија и Хрватска. (https://uklo.edu.mk/moodle/course/view.php?id=80).
Првата средба, го означува новото поглавје во развојот на УКЛО, на Битола, на регионот и пошироко, а општината преку активна соработка со универзитетот, дава свој придонес во зајакнување на надворешните врски и градење на неопходното поврзување на академската заедница со сите важни општествени чинители.
Покрај Акдемскиот координатор и претставник во конзорциумот во Алијансата, проф. д-р Рената Петревска – Нечкоска , УКЛО на овој важен настан учествува со ректорот, проф. д-р Игор Неделковски и проректорите: проф. д-р Јове Димитрија Талевски кој воедно е проектен координатор, проф. д-р Јасмина Буневска – Талевска, проф. д-р Горан Илиќ, претседателот на Сенатот д-р Николче Јанкуловски и студентскиот лидер на УКЛО, Борис Гушевски. Во делегација од академскиот кадар на УКЛО учествува и професорката Мимоза Богдановска Јовановска од ФИКТ.
Меѓу почесните гости и важни чинители во поврзувањето на деветте европски универзитети со надворешното опкружување се и неколку градоначалници како претставници од градовите во кои се лоцирани универзитетите, како и градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој во текот на вчерашниот ден имаше средба со градоначалникот на Падерборн, Мајкл Драјер, со кој разговараа за потенцијалните можности за соработка меѓу градовите, а заеднички присуствуваа и на универзитетскиот форум и организираниот саем, каде беа претставени најважните карактеристики и специфичности на градовите чии универзитети се членки на Алијансата Колорс.
Градоначалникот Коњановски, информираше за досегашните активности кои се реализираа во партнерство на универзитетот и општината, меѓу кои: универзитетската летна пракса, отворениот ден на УКЛО, како и потенцијалната соработка со универзитетот за реализација на меѓународни проекти.
Во следните четири години, Алијансата ќе организира бројни активности во кои ќе бидат вклучени повеќе надворешни и релевантни актери кои заедно со академијата и студентите ќе се поврзуваат и соработуваат за исполнување на неколку носечки компоненти, како што се: општествена, зелена и дигиталната.